Кузмановски: Не одам никаде, имам договор со Металург

Филип Кузмановски (21) важи за еден од најголемите македонски таленти од новата генерација и веќе неколку сезони за него постои интерес од неколку големи европски клубови. По Кјелце, Рајн Некар Левен, Лајпциг, Кретеј, на листата според најавите во медиумите, сега се приклучува и Магдебург.

Но, репрезентативниот бек на полусезоната ја продолжи соработката со Металург со нов договор до 2020 година и вели дека засега не оди никаде.

Искрено, и јас за трансферот во Магдебург разбрав од медиумите и се изненадив. Нема ништо од тоа. Ниту сум разговарал, ниту пак сум потпишал. Имам договор со Металург до 2020 и засега не одам никаде“ – вели Филип Кузмановски.

Репрезентативниот бек потекнува од школата на Пелистер од каде пред две години се пресели во Металург. Кузмановски дебитираше за македонската сениорска репрезентација на ЕП 2016 во Полска и уште за време на шампионатот го привлече вниманието на менаџерите. Поради повреда на раката, тој го пропушти настапот на СП во Франција во јануари годинава, но одново се врати во националниот состав во квалификациските натпревари за ЕП 2017 против Исланд на почетокот на мај. Кузмановски заедно со Филип Талески се предводници на новата генерација македонски ракометари. Тие ја предводат младинската репрезентација и се првиот подмладок во сениорскиот состав.

Филип Талески го напушти Металург на полусезоната и направи екстра трансфер во германскиот шампион Рајн Некар Левен. Иако трансферот требаше да се реализира летово, германскиот тим „го откупи“ договорот и Талески уште во февруари им се приклучи на „лавовите“.

Се вчитува...