„Кварацхелија е во аут?… Нема проблем, Елмас е тука!“

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас повторно ја воодушеви италијанската фудбалска јавност. И не само поради погодокот кој донесе значајна победа од 1-2 за Наполи на гостувањето против Аталанта во дербито на Серија А, туку и поради начинот на кој ги одигра сите 90 минути на натпреварот во Бергамо, покажувајќи дека и тоа како е значајна алка во тимот на Лучијано Спалети.

Сето тоа за воодушевување на италијанските фудбалски аналитичари кои потенцираат дека Елмас е на еднакво ниво како и Грузиецот кога е во посакуваната форма.

„Кварацхелија е во аут? Нема проблем. Елиф Елмас е тука. Секогаш подготвен за Наполи и секогаш феноменален кога е важно за тимот. Маестрално менаџирање на тимот на Спалети. И покрај скептицизмот на сите други, му даде полна доверба на Елмас пред Распадори. И тој му врати на најдобар можен начин“ – се дел од анализите за вчерашниот натпревар на Елиф Елмас.

Италијанските аналитичари го нагласуваат и начинот на игра на македонскиот фудбалер во текот на целиот меч кој го одигра на високо ниво, а не само погодокот…

„Елмас е играч кој не само што може да ви одлучи натпревар туку секогаш е одличен и во фазата на одбрана, секогаш е максимално фокусиран и во фаза кога противникот ја поседува топката, пожртвуван за тимот… затоа и навивачите целосно може да уживаат во овој тим на Наполи“.

Пофалните зборови за македонскиот „дијамант“ не ги штедеше и тренерот на Наполи, Лучијано Спалети.

„Сите велат дека Кварацхелија е играчот што не носи напред кон врвот, но мислам дека еден тим не може да оди никаде кон целта ако мисли дека има само еден играч. Мора да размислуваме правилно, а тоа е дека групата го носи успехот. А, оваа група во Наполи го разбира вистинскиот менаџмент. Елмас беше одличен во секој дел од играта“ – истакна Спалети по вчерашниот дуел.

Се вчитува...