Л’Екип: Челси не смее да дојде во Франција, „виси“ реваншот со Лил

Челси се соочува со нови неочекувани проблеми откако актуелниот европски првак дозна дека е можно да му биде забранет влез во Франција за реванш дуелот од Лигата на Шампионите против Лил.

Слично како и при британските санкции, Челси се наоѓа на „црната листа“ на земјите од Европа поради фактот дека е во сопственост на Роман Абрамович, кој важи за близок соработник на рускиот претседател Путин. Британците му издадоа на клубот специјална дозвола за да може да функционира и да не се соочи со „престанок на дејноста“, но оваа дозвола не се однесува на Франција.

Како што јавува францускиот весник Л’Екип, Челси сега морал да аплицира за слична дозвола и од француските власти, за да може да го одигра реванш дуелот од осминафиналето од Лигата на Шампионите. Првите информации говореа дека ваквата дозвола ќе биде рутински добиена, но засилените мерки против руските власти и олигарсите од оваа земја дополнително ја искомпликуваа ситуацијата.

„Неизвесно е одигрувањето на дуелот меѓу Лил и Челси. Проблем е новиот сет на санкции што Европската Унија ги донесе против Роман Абрамович како прв човек на Челси. Добро упатен извор тврди дека ризикот од неодигрување на натпреварот е сосема реален“, објави Л’Екип.

Се вчитува...