Л’Екип: УЕФА ќе го одложи ЕП за 2021 година!

Хаосот што завладеа ширум Европа поради пандемијата од коронавирус дефинитивно ќе го одложи европскиот шампионат што требаше да се одржи летово во 12 земји ширум Стариот континент.

УЕФА долго време се спротивставуваше на оваа идеја, но на претседателот Чеферин и на неговите најблиски соработници им стана јасно дека не постои шанса целосно да се надмине борбата со болеста во следните два месеци, за шампионатот да почне во Италија (свеченото отворање е закажано во Рим) на 12 јуни. Весникот Л’Екип повикувајќи се на извори од највисокото раководство на УЕФА тврди дека одлуката е веќе донесена, овој европски шампионат наместо во 2020 ќе биде одржан во 2021 година, најверојатно според истите датуми и распореди кои се веќе утврдени.

Одлуката се очекува да биде официјализирана веќе во вторник, за кога УЕФА закажа видео-конференција со претставниците на сите федерации, при што ќе бидат обелоденети и плановите за завршницата од Лигата на шампионите, чии натпревари исто така ќе бидат одложени.

Ова ќе значи и дефинитивно одложување на сите бараж-натпревари од Лигата на Нации, меѓу нив и закажаниот натпревар меѓу Македонија и Косово што требаше да се игра на 26 март во Скопје.

Се вчитува...