Лам задоволен: Мило ми е што уште еднаш ќе играм на „Бернабеу“

Баерн Минхен за противник во четвртфиналето од ЛШ го доби актуелниот европски првак Реал Мадрид, но меѓу фудбалерите на баварскиот гигант не владее преголема загриженост. Напротив, избраниците на Карло Анчелоти се свесни дека за да се искачат на врвот на Европа ќе треба да ги победат најдобрите тимови, а еден од нив сигурно се „кралевите“ од Мадрид. Капитенот Филип Лам, кој летово ја завршува својата богата кариера, изрази задоволство од ждребот, бидејќи со него му се укажува шанса да одигра уште еден натпревар на мадридскиот храм на фудбалот, стадионот „Сантијаго Бернабеу“.

Имаме водено толку многу битки со Реал Мадрид, искрено се радувам што ќе имам можност повторно да настапам против овој гигант, воедно и што уште еднаш ќе ми се укаже можноста да играм на „Сантијаго Бернабеу“. Клучно за нас ќе биде да оствариме добар резултат на првиот натпревар во Минхен, бидејќи знаеме дека можеме да дадеме најмалку еден гол на реваншот во Мадрид“ – изјави Филип Лам.

Чаби Алонсо, кој исто така на крајот од сезонава му кажува збогум на фудбалот, доби можност да се сретне уште еднаш со својот поранешен клуб.

Тоа сигурно ќе биде одличен натпревар, двата тима се великани на европскиот фудбал и сигурно ќе биде специјален дуел за мене. Подготвени сме за предизвикот, иако многу добро знаеме колку е тешко да се игра на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид“ – истакна Алонсо.

Се вчитува...