Ландин го растури „својот“ Кил, Загреб му „скина“ бод на Киелце

Никлас Ландин има одиграно бројни врвни средби во кариерата, но денешниот дуел со Алборг на гостувањето против неговиот поранешен клуб Кил на кој Данецот бранеше брилијантно и го предводеше својот тим до победа од 18-27. Ландин беше особено феноменален во првото полувреме во кое имаше 11 одбрани со 65 поссто успешност (3/4 одбранети пенали), запирајќи го Кил на само шест гола, најмал број на постигнати погодоци на „зебрите“ во едно полувреме во последните 20 години. Алборг на одмор замина со водство од 6-11, данскиот состав дополнително ја зголеми предноста на стартот од вториот дел и заслужено се радуваше на убедлив триумф среде Германија.

Ландин го заврши натпреварот со фантастични 19 одбрани и беше најзаслужен за големиот триумф на Алборг, во чии редови најефикасни беа Бартхолд со пет и Бјернсен со четири погодоци.

Суперинтересно беше на дуелот меѓу Загреб и Киелце, кој по голема борба заврши без победник, 22-22. Хрватскиот тим има за што да жали бидејќи имаше „плус два“ и напад на три минути до крајот. Киелце стигна до израмнување, полскиот гигант имаше и напад за победа, но Даи не успеа да го совлада голманот Мандиќ, кој бранеше извонредно и нанижа 18 интервенции на овој натпревар.

Во нападот, Кос постигна пет, а Дибиров и Чупиќ по три гола за Загреб, додека најефикасен кај Киелце беше Дани Душебајев со четири погодоци.

Се вчитува...