Лани го бараа Барса и Атлетико, сега ќе потпише за Лидс на Алиоски

Лидс планира да комплетира супертрансфер во следните 48 часа, откако влезе во завршна фаза од преговорите за ангажман на Родриго Морено од Валенсија. Марсело Биелса не криеше дека ангажман на нов голгетер му е приоритет за настапите во Премиер-лигата, а изборот на аргентинскиот стручњак падна токму врз Родриго.

Овој брзоног голгетер во текот на ланската сезона беше поврзуван со Барселона и со Атлетико Мадрид, Валенсија тогаш ги одби понудите за шпанскиот репрезентативец, но финансиските проблеми на клубот од „Месталја“ придонесоа и цената на овој фудбалер драстично да падне.

Британските медиуми јавуваат дека Лидс понудил 30 милиони евра, Валенсија бара 35 милиони, а директорот на новиот премиерлигаш денеска пристигнал во Шпанија за да го комплетира трансферот. Дека двата клуба се блиску до договор потврдува и информацијата дека Родриго од вчера престанал со тренинзи со остатокот од екипата, во исчекување да добие зелено светло за преселба во Англија.

Се вчитува...