Лапорта има план – со овие три засилувања ќе го задржи Меси во Барса

Лионел Меси делува исфрустрирано сезонава во Барселона, медиумите секојдневно го најавуваат неговото заминување од „Камп Ноу“, но навивачите на Барса се уште се надеваат дека може да се случи нивниот миленик да остане во тимот. Клучни секако ќе бидат претседателските избори, на кои Жоан Лапорта е единствениот кандидат кој отворено најавува дека ќе стори се за да го задржи Меси во клубот, додека останатите двајцаа, Фонт и Фреиша се жалат на големите трошоци кои ги влече Аргентинецот со себе.

Меси има доверба во Лапорта, двајцата беспрекорно соработуваа во претходниот мандат на овој претседателски кандидат, а Лапорта верува дека без оглед на финансиската криза на клубот ќе успее да го убеди Лео да остане и да потпише нов договор. За таа цел тој планира во првиот месец од раководењето со клубот да договори три нови засилувања, со кои би му докажал на Меси дека проектот на Барса под негово водство ќе атакува на трофеи. Што е уште позначајно, Лапорта тројцата би ги довел како слободни играчи, без да потроши ниту едно евро на нивните трансфери, со што би си оставил простор во буџетот за уште едно поголемо засилување.

Прв на листата, сигурно и најзначаен е Серхио Агуеро. Сонародникот на Меси важи и за голем пријател на Лео од националниот тим, договорот со Манчестер Сити му истекува летово и сигурно нема да го продолжи, а Агуеро дефинитивно поседува и квалитет и искуство за да биде предводник на навалната линија на каталонскиот гигант.

Вториот трансфер е веќе договорен, станува збор за младиот шпански дефанзивец Ерик Гарсија, кој ќе пристигне од Манчестер Сити. Гарсија, кој е најавуван како наследник на Пике на долгорочен план, повеќе од една година се наоѓа на листата со желби на каталонците, но финансиските проблеми на клубот придонесоа да се чека до истек на договорот со „граѓаните“ за тој да пристигне на „Камп Ноу“.

Трета желба на Лапорта е Вајналдум од Ливерпул, кој ја одби и последната понуда на „црвените“ и летово сигурно ќе си замине од „Енфилд“. Пјаниќ се покажа како големо промашување, па на каталонците им е потребен нов играч за врска кој би бил наследник на Бускетс, чија форма од година во година се позабрзано се движи во надолна линија.

Доколку овие тројца фудбалери бидат договорени како што најавува Лапорта до крајот на месец април, Барса може да се надева и на пресврт во ситуацијата со Меси, кој цело време инсистира дека најпрвин ќе разговара со новиот претседател на клубот пред да донесе одлука за својата иднина.

Се вчитува...