Лапорта има проблем: Барса мора да продава, но никој не ги сака каталонските фудбалери

Барселона веќе комплетираше четири трансфери во овој преоден рок, на Ерик Гарсија, Кун Агуеро, Мемфис Депај и на Емерсон Ројал, во тек се преговори за доаѓање и на Бернардо Силва од Манчестер Сити, но каталонскиот гигант се соочува со огромен проблем – мора што побрзо да почна да продава дел од постоечките фудбалери пред да може да донесе нови засилувања.

Имено, на списокот на Роналд Куман со фудбалери под договор со Барселона моментно се наоѓаат вкупно 32 играчи, а според правилата на Ла Лига на пријавната листа за новата сезона може да се најдат само 25. Згора на тоа, правилата велат дека вкупниот износ на платите не смее да биде повисок од 70% од вкупните приходи на клубот, а во случајот на Барселона овој процент изнесува неверојатни 110%, уште еден јасен знак дека Лапорта мора што поскоро да почне со распродажба на играчите на кои Куман нема да смета сериозно за наредната сезона.

Уште поголем проблем за раководството на Барса е што оние фудбалери кои клубот сака да ги продаде  за да заработи позначајна сума воопшто не се интересни за поголемите тимови ширум Европа. Таков пример е Филипе Кутињо, кој и лани беше на трансфер-листа, но не доби ниту една единствена понуда. Дембеле беше интересен за неколку премиерлигаши, но повредата и паузата од четири месеци ги намалува шансите францускиот крилен офанзивец да биде продаден во текот на летово.

Миралем Пјаниќ е еден од играчите на кои Куман воопшто не смета, Јувентус сака да го врати назад, но „старата дама“ размислува само за позајмица, никако и за целосно откупување на босанскиот интернационалец. Каталонците се подготвени да се разделат и од левиот бек Жорди Алба, но проблем е што шпанскиот репрезентативец не сака ни да чуе за заминување од „Камп Ноу“. Умтити исто така се наоѓа на листата непожелни фудбалери во Барселона, но дефанзивецот за кого до пред две години беа одбивани бројни понуди сега не е желба на ниту еден клуб со посериозни амбиции од Топ 5 лигите. На листата на оние кои можат да си заминат се и Серхио Роберто и Гризман, но и кај нив проблемот е сличен, земаат превисока плата што ниту еден клуб не ни помислува да ја израмни за да почне да ги убедува да ја напуштат Барселона.

Дури и Данецот Бреитвајт, кому му е јасно дека во ситуација кога се потпишани и Агуеро и Депај нема да има речиси никаква минутажа, сепак им порачал на челниците на клубот дека не сака да си замине…

Проблеми има многу, а Лапорта ќе мора што поскоро да почне да ги решава. За да го спречи тонењето на каталонскиот гигант што го почна неговиот претходник Бартомеу.

Се вчитува...