Лапорта не ги заборава легендите на клубот, Виктор Валдес се враќа во Барселона

Познатиот голман Виктор Валдес (39) ја прифати понудата на претседателот на Барселона, Жоан Лапорта и тој ќе биде еден од новте вработени членови во каталонскиот клуб.

39-годишникот, кој поголемиот дел од својата професионална фудбалска кариера го помина на „Камп Ноу“, ја доби понудата на Лапорта да се грижи и да ги тренира младите голмани на „Ла Масија“. Валдес ја прифати работата и тој ќе биде еден од тренерите кои ќе го надгледуваат развојот на младите голмани на познатата школа на Барса во наредните години.

Ова ќе биде враќање на Валдес во клубот по две години. Тој ги водеше клупските младински селекции за краток период во текот на 2019 година, но реши да си замине по жестока расправија со тогашниот директор на „Ла Масија„, Патрик Клајверт.

Валдес го имаше првиот сениорски ангажман како тренер на клупата на каталонскиот нисколигаш УА Хорта. Тој го водеше клубот од мај 2020 година до јануари 2021 година, кога реши да си замине. Тој беше контактиран од Лапорта на почетокот на годината, па новиот претседател на Барса го гледа како идејно решение за да биде дел од тимот на Каталонија.

Како фудбалер, Виктор Валдес играше за Барселона од 1995 до 2014 година. Тој дојде како момче, стана првиот голман на клубот и беше „единица“ со години. Одличниот голман беше член на еден од најдобрите тимови во историјата на фудбалот, а соблекувалната ја делеше со светски фудбалски великани како Лео Меси, Роналдињо, Самуел Ето, Златан Ибрахимовиќ, Тиери Анри, Чави, Андрес Иниеста и многу други.

Се вчитува...