Лапорта пресече: Куман останува на чело на Барса и следната сезона

Жоан Лапорта донесе одлука да не прави тренерска смена во текот на летово, давајќи му апсолутна доверба на Роналд Куман да продолжи да го води каталонскиот гигант и во наредната сезона. Новиот претседател и тренерот на Барса денеска имале повеќечасовен разговор, по што Лапорта ги известил своите најблиски соработници дека прашањето за тренерот за новата сезона е решено, давајќи му целосна доверба на холандскиот стратег.

Куман пристигна во крајно незгоден период за Барса, во нарушени односи меѓу играчите и претседателот Бартомеу, принуден на продажба на неколку стандардни првотимци, но и со крајно негативна атмосфера околу Лионел Меси. Холанѓанецот имаше проблеми на стартот, но успеа да го внесе тимот во победнички ритам и да го искачи на второто место во Ла Лига, зад лидерот Атлетико Мадрид.

На Куман му било јасно ставено до знаење дека клубот нема богатство за мегатрансфери, но Лапорта затоа дал зелено светло за доаѓање на Депај и на Вајналдум, кои се слободни играчи на крајот од сезонава, фудбалери кои Куман ги бараше и минатото лето, но не ги доби од Бартомеу.

Претседателот ја презел врз себе обврската да се обиде да го убеди Лионел Меси на останување и потпис на нов договор со каталонскиот гигант, со што Барса повторно би имала тим со кој би атакувала на трофеи.

Се вчитува...