Лапорта со понуда: Помала плата за Меси, на потег е Лео

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, подготвил понуда за нов договор за Лионел Меси што официјално ќе му биде доставена на аргентинскиот генијалец во текот на наредната седмица. Каталонските медиуми најавуваат дека понудата ќе биде пониска од она што Меси го заработува во Барса во моментов, но со ветување дека ќе биде составен конкурентен тим со кој каталонскиот гигант повторно ќе атакува на трофеите, како во Шпанија, така и во Лигата на Шампионите.

Извори блиски до Лапорта тврдат дека новиот претседател веднаш по добиените избори почнал со детална анализа на финансиската состојба, која е далеку од „розова“. Сепак, тој е оптимист дека ќе може да ја крене Барса до поранешните височини, но ќе му биде потребна помошта на Меси. Приоритет за сите во клубот е да се убеди Лео да остане на „Камп Ноу“, дури и со намалена плата. Лапорта е оптимист дека ќе успее да најде заеднички јазик, откако на претходните средби Меси јасно му ставил до знаење дека приоритет во одлуката ќе му биде конкурентноста на тимот, а не неговите лични финансии.

Првиот човек на Барса подготвува понуда за Серхио Агуеро, кој важи за добар пријател на Аргентинецот, воедно и голгетер каков што каталонскиот гигант нема во своите редови во моментов. Пари за нови засилувања се очекува да се обезбедат од продажбите на Кутињо и на Гризман, со што ќе се ослободи и значаен дел од буџетот за плати.

На потег е Меси, кој утре ќе ја предводи Барса во финалето од Копа дел реј против Атлетик Билбао, а веќе од следната седмица ќе има конкретна понуда за да размислува дали да остане во Барселона или да си замине од „Камп Ноу“.

Се вчитува...