Бојан Миовски очигледно е избришан од плановите на Глазгов Ренџерс за оваа натпреварувачка сезона, но македонскиот голгетер се мачи да најде нов ангажман откако веќе беа завршени преодните рокови во дел од лигите ширум Европа.
Опцијата за трансфер во Феенорд пропадна во текот на вчерашниот ден, исто како и преговорите со турски Генчлербирлиги, кој одби да го потпише Миовски на позајмица поради инсистирањето на шкотскиот гигант да биде вметната и клаузула за задолжителен откуп следното лето за три милиони евра.
Турскиот клуб го комплетираше трансферот на Виктор Оракпо од Ница и дефинитивно ја затвори вратата за нашиот голгетер, кому сега се чини му преостанува само една опција.
ЛАСК Линц е клубот што во последните 24 часа покажа сериозен интерес да го доведе Миовски во своите редови. Австрискиот тим обезбеди место во ЛШ по сензационалната елиминација на Селтик, а сега сака да го доведе Миовски како дополнително засилување за навалната линија.
Преодниот рок во Австрија истекува на 3 септември, па челниците на ЛАСК се надеваат дека ќе успеат да се договорат со Глазгов Ренџерс и да добијат зелено светло да го доведат Миовски. Доколку трансферот се реализира, Македонецот ќе нема право на настап во ЛШ до крајот на годинава бидејќи списоците со играчи се веќе поднесени до УЕФА, така што Миовски би бил во комбинација само за натпреварите од австрискиот шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
