Ласо и Перез едногласни: Дончиќ да остане најмалку уште една сезона

Тренерот на кошаркарскиот клуб Реал Мадрид, Пабло Ласо, по вчерашниот триумф над екипата на Армани Милано во Евролигата, истакна дека е пресреќен што во тимот го има Лука Дончиќ, и се надева дека младата словенечка ѕвезда ќе остане во редовите на „кралевите“ и следната сезона.

Претседателот на клубот, Флорентино Перез пред неколку дена исто така ја искажа својата желба Дончиќ да остане во Мадрид, и вели дека ќе направи се што е во негова моќ да го оствари тоа.

„Секој ден за нас е луксуз што Лука е во Реал. Зборуваме за еден од најдобрите кошаркари во Европа, ако не и светот, а има само 18 години. Сите сакаме неговата кариера да биде што побогата и поуспешна, но се стремиме кон тоа тој да остане најмалку уште една сезона“, истакна Перез, а тренерот Ласо вчера се надоврза: „Се надевам дека ќе ми биде на располагање и следната сезона. Немам што повеќе да кажам.“

Дончиќ вчера имаше историски настап во Евролигата против тимот на Армани. Тој е најмладиот кошаркар кој оствари 41 оценка на индекс (PIR – performance index rеiting) за време на еден натпревар во поновата историја на Евролигата.

Словенечкиот репрезентативец за помалку од 29 минути на паркетот забележа импресивни бројки. Го изедначи својот личен рекорд од 27 поени, со погодени 5/9 од поле, 2/5 имаше реализација од линијата за три поени, а погоди и 11 слободни фрлања од можн 12. Забележа и осум скока, „сервираше“ пет додавања, три пати ја украде топката, направи само една грешка, додека на него беа направени 10 прекршоци.

Се вчитува...