Лацио не знае да победи ниту со ВАР-пенал во судиско продолжение

Лацио дефинитивно не може да го пробие малерот што го следи во овој период откако римскиот клуб ремизираше 2-2 на домашен терен со Сампдорија, примајќи гол во 99. минута. Претходно, „лацијалите“ во судиското продолжение дадоа гол од пенал доделен со ВАР, но и тоа не им беше доволно за да ја прекинат серијата што сега изнесува четири нерешени средби во низа.

Римјаните овојпат се доведоа и во ситуација да бркаат негатива, откако Квалјарела ја донесе Сампдорија во водство на „Олимпико“. Лацио тргна во тотална офанзива, успевајќии да израмни преку Ачерби по еден корнер од десната страна. И тогаш, почна драмата во судиското продолжение…

Сампдорија во 91. минута остана со играч помалку по исклучувањето на Бережински, а слободниот удар од дваесетина метри беше блокиран. Акцијата продолжи, но потоа ВАР-арбитрите го алармираа главниот судија повторно да го погледне ударот, кој еден гостински играч го одби со рака. Оправдано беше покажано на белата точка, а Имобиле не ја пропушти шансата да стрела прецизно. И кога се чинеше дека тоа крајот на приказната на оваа средба, во 99. минута топката стигна до Сапонара, кој со фантастичен удар ги замолкна римските фанови на „Олимпико“, давајќи им можност за славје само на малубројните гости од Џенова.

Се вчитува...