Лацио заборави да победува – нокаут и од Сасуоло

Фудбалерите на Лацио дефинитивно отпаднаа од трката за скудетото, губејќи го третиот натпревар во низа, овојпат на домашен терен од Сасуоло со 1-2.

Недоволната инвентивност и ефикасност во нападот, што беше главен проблем и на претходните дуели со Милан и со Лече се повтори како главоболка за тренерот Инзаги, неговите избраници не беа толку опасни по противничкиот гол, додека Сасуоло знаеше како да ги искористи шансите што ги создаде.

Сасуоло го постигна првиот гол на мечот, но по долга анализа исстиот беше поништен со ВАР. Луис Алберто го доведе Лацио во водство, но наместо истото да биде задржано, во второто полувреме следеше целосен резултатски пресврт. Младиот Распадори, за кого ова беше прв меч како стартер за Сасуоло, стрелаше прецизно за израмнување, а во судиското продолжение Капуто го комплетираше разочарувањето за „лацијалите“.

По овој трет пораз во низа римскиот клуб остана на „минус седум“ од Јувентус, a „старата дама“ има и меч помалку (вечерашниот на домашен терен против Аталанта).

Се вчитува...