Лаутаро не дозволи сензација – Интер најмалку на два дена се врати на чело на Калчо-лигата

Интер неочекувано се мачеше, но сепак успеа со голем пресврт да стигне до триумф над Емполи од 4-2, враќајќи се на врвот на калчолигашката табела најмалку до неделното гостување на Милан во Верона. Херој на мечот беше Лаутаро Мартинез, кој постигна два од трите гола за својот тим, а одличен беше и Перишиќ, кој им создаде огромни проблеми на гостите по левата страна од нападот на „нероаѕурите“.

Вечерашниот меч почна катастрофално за „нероаѕрите“, кои за помалку од триесет минути игра се најдоа во негатива од 0-2, по погодоците што ги постигнаа Пинамонти и Аслани. За среќа на Симоне Инзаги, неговите избраници се разбудија пред крајот на полувремето, па за пет минути стигнаа до израмнување, со автогол во 40. и првиот гол на Мартинез во 45. минута.

Второто полувреме мина во апсолутна доминација на Интер, но гостинскиот голман имаше свој ден и одбрани четири-пет опасни удари кон неговиот гол. Сепак, тој на крајот беше немоќен по обидот на Лаутаро, кој од волеј по една одбиена топка ја смести во мрежата, за огромна радост на домашните навивачи на „Џузепе Меаца“. Интер доминираше до самиот крај на средбата, создаде уште неколку извонредни ситуации во противничкиот шеснаесетник, пред Алексис Санчез во 94. минута да ги постави конечните 4-2 на додавање на Един Џеко.

„Нероаѕурите“ со денешниот триумф имааат 78 бода, еден повеќе од Милан, кој в недела вечер го игра својот меч од ова 36. коло, на гостински терен против Верона.

Се вчитува...