„Лавовите“ на Талески го растурија европскиот првак

Рајн Некар-Левен ја стартуваше седмата рунда од Лигата на шампионите со убедлива победа над Монпелје, декласирајќи го актуелниот европски првак со 37-27. Тимот на нашиот Филип Талески од самиот почеток наметна силно темпо, одигра беспрекорно во нападот во второто полувреме и уште повеќе ја зголемии кризата на Монпелје.

Гостите од Франција парираа до пред крајот на првото полувреме, кога при 15-13 имаа напад за „минус еден“, но несмасно ја завршија акцијата, па Сигурдсон погоди со звукот на сирената за водство на „лавовите“ по 30 минути игра. Тоа само им даде уште поголема сила на домашните ракометари, кои во второто полувреме постигнаа дури 21 гол, стигнувајќи до апсолутно заслужена победа.

Талески не се запиша меѓу стрелците на овој натпревар, а најефикасни кај Рајн-Некар Левен беа Сигурдсон со 11 и Колбахер со девет гола. Најдобар поединец во таборот на Монпелје беше Мелвин Ричардсон со десет постигнати погодоци.

Се вчитува...