РК Алкалоид со прес-конференција денеска ја заокружи успешната сезона во која најмладиот ракометен колектив во Македонија стигна и до првиот трофеј откако го освои националниот Куп на Македонија.
Фармацевтите до титулата стигнаа предводени од Кирил Лазаров кој вели дека клубот иако го избра потешкиот пат, знаеја дека е вистински давајќи им шанси само на домашни ракометари кои израснуваат во лидери не само на својот тим, туку и на репрезентацијата.
„Клубот е формиран пред три години, но ние го одбравме потешкиот, но знам дека е вистинскиот пат, иако се соочуваме со многу препреки. Го одбравме македонскиот пат, работиме добро и за клубот, за државата, за македонскиот спорт и македонскиот ракомет. Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме по тој пат иако воопшто нема да биде лесно, затоа што нашите најголеми конкуренти во македонската лига која од година во година расте, тоа се Еурофарм Пелистер – сезоната ја започна со 10 до 12 странски засилувања, Вардар, клуб со големо реноме и традиција – имаше осум странски играчи, интернационалци, ГРК Охрид – кој дојде до бројката над 10 странски играчи оваа сезона и исто да го споменам ГРК Тиквеш кој имаше шест странски засилувања. Ние како клуб со само еден странски играч успеавме да бидеме рамноправни во изминатите три години и рамо до рамо да се носиме со клубови од овие размери коишто многу вложуваат и ние сме благодарни за тоа, затоа што само така може да се развива ракометот и спортот во Македонија. Ама како што кажав, го одбравме потешкиот пат, па бараме разбирање и поддршка затоа што се соочуваме со многу предизвици.
Лани завршивме на второто место и обезбедивме место во Европската лига на ЕХФ, втора по квалитет по Лигата на шампионите, кадешто се испробавме и увидовме дека се уште не сме кадарни да победуваме секогаш. Но, успеавме и поркај силните противници од Шпанија, Данска и Србија, да дојдеме до прва историска победа на домашен терен и прв историски бод на гостински терен со шпанска Ла Риоха. Оваа сезона имавме доминантно претставување во првиот дел, завршивме со 14 победи на 14 меча, а потоа успеавме да осовиме и титула во Купот во кој во неполни 72 часа, чесно и посветено, ги победивме двата најконкурентни тимови. Тоа е голем успех за нас и голема сатисфакција за во иднина дека треба да продолжиме по тој пат и да веруваме, но истовремено да знаеме дека патот ќе биде уште потежок. Завршивме на третото место, излеговме во Европа, за нас Европскиот куп на ЕХФ, е вистинскиот и се надевам дека таму ќе бидеме повеќе компетитивни и ќе минеме повеќе кола.
Посебно ми е драго што успеавме да направиме успеси во младинските категории. во иднина апелирам до раководството на клубот уште повеќе да се вложува во овие категории затоа што тоа е иднината на македонскиот ракомет. Апел до другите клубови да не гледаат конкуренти во нас, туку да инвестираат во млади играчи, затоа што само така може ракометот да го задржи приматот спорт број еден.“, изјави Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА