Лазаров ги избра патниците за Грција

Македонската ракометна репрезентација денеска ќе отпатува за Солун, каде утре и задутре ќе одигра две пријателски средби со селекцијата на Грција како дел од подготовките за ЕП 2024 што ќе се одржи во јануари во Германија.

„Црвено-жолтите“ тренираа во текот на оваа седмица, а селекторот Кире Лазаров донесе и конечна одлука околу патниците за овој двомеч. Четири ракометари отпаднаа од комбинација за настап против Грција, и тоа Митев и Омерагиќ поради повреди на кои се пожалија во изминатите денови, како и Стојковиќ и Ѓорговски кои селекторот Лазаров реши да останат во Скопје, оставајќи простор тие во иднина да го облечат репрезентативниот дрес и секако да бидат во комбинација за конечниот список за ЕП 2024.

Така, македонската репрезентација ќе патува за Солун во состав: Никола Митревски, Марко Томовски, Марко Кизиќ, Филип Талески, Филип Кузмановски, Иван Џонов, Игор Ѓоргиев, Мартин Велковски, Томи Јагуриновски, Мартин Серафимов, Давид Савревски, Ненад Костески, Никола Костески, Цветан Кузманоски, Петар Атанасијевиќ, Жарко Пешевски, Никола Маркоски, Милан Лазаревски.

Двете средби меѓу Грција и Македонија ќе се играат со почеток во 17.30 часот по македонско време.

Се вчитува...