Барселона продолжува да доминира во пеколно тешката група А од Лигата на шампионите, откако каталонскиот гигант вечерва убедливо го совлада Фленсбург со резултат 26-23. Борко Ристовски мечот го следеше од клупата за резерви, Кире Лазаров не беше во посакуваниот шутерски ритам, но Барса сепак го преслуша незгодниот ривал од Германија, заслужено задржувајќи си ја предноста од два бода пред ПСЖ на две кола до крајот на групната фаза.
Првото полувреме мина во израмнета игра, а благодарение на извонредниот Гонзало Перез де Варгас (мечот го заврши со 11 интервенции) домашниот тим замина на одмор со предност од 14-12. Каталонците одлично го стартуваа вториот дел со серија од 4-0, успевајќи посериозно резултатски да се одлепат. Фленсбург за момент ја консолидираше одбраната и се приближи до 18-16, но тоа беше се што избраниците на Врањеш успеаја да сторат на оваа средба. Наскоро следеше нова мини-серија на Барселона по која каталонскиот гигант рутински ја одржуваше предноста до самиот крај, за заслужен конечен триумф од 26-23.
Ривера беше најефикасен кај победничкиот тим со четири гола (три од пенал), пред Арино и Жалуз со по три погодоци. Кире Лазаров немаше свој ден кога станува збор за реализацијата, постигнувајќи само два гола од дури девет обиди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА