Лазаров: Младите да понесат голем дел од одговорноста…

Капитенот Кире Лазаров не крие дека очекува две победи на претстојните квалификациски средби против Турција и Грција, но нашиот најдобар ракометар гласно порачува и дека овие мечеви треба да бидат искористени за шанса да добијат дел од помладите ракометари.

„Како никогаш досега влегуваме во едни квалификации за ЕП со улога на фаворити. Со сета почит кон Грција и Турција, но тоа се селекции против кои мораме да очекуваме лесни победи, секако доколку влеземе во натпреварите онака како што се очекува од нас и одиграме максимално. Мое мислење е дека на овие средби шанса треба да добијат помладите, но тие исто така мораат да понесат и поголем дел од одговорноста, да си ја зголемат самодовербата во пресрет на Мундијалот во Германија. Многу пати ни се случувало на големите натпреварувања да ни недостига ротација, затоа овие две средби се важни, за некои други ракометари да се наметнат за позначајна улога во националниот тим, да покажат дека на нив треба да се смета и на СП“ – истакна Лазаров.

Првиот од двата натпревари Македонија го игра в четврток против селекцијата на Турција.

„Имаме играно со Турција и вообичаено сме победувале без поголеми проблеми, но тие во неколку случаи покажувале добра игра против нас. Едно е сигурно, не треба многу да размислуваме за противникот, мораме да сме фокусирани на нашата игра бидејќи ако сме на висина на задачата нема да имаме проблеми да стигнеме до планираните четири бода“ – порачува македонскиот капитен.

Се вчитува...