Кире Лазаров имаше причина да биде горд на својот тим откако Алкалоид вечерва славеше над Ла Риоха за прв европски триумф на актуелниот македонски вицешампон.
Осцилациите во играта беа надминати кога беше најважно, па Алкалоид ги одигра извонредно завршните минути и предводен од фантастичните Митев во нападот и Галевски на голот успеа да стигне до триумф, прв за една македонска екипа во групната фаза од европските натпреварувања за оваа сезона.
„Пресреќен сум бидејќи ова е историска победа за нашиот клуб, големи честитки за моите играчи, но и за противникот за фер натпреварот. Минав седум години во Шпанија и знам што значи Ла Риоха во шпанскиот ракомет, тоа е клуб со извонредна школа и тоа доволно говори за тоа каков клуб победивме денеска. Во играта ги направивме истите грешки како на претходните европски средби, промашивме многу пенали и зицери, но ова ни беше дебитантска сезона и се надевам дека ќе бидеме уште подобри во иднина. Ова сигурно е добро искуство, заслуживме барем една победа во ЕХФ Европската лига, пресреќни сме што ја остваривме. Се гледа дека одиме напред, благодарност до публиката, до сите во клубот за оваа беспрекорна организација. Луѓето препознаваат дека сме македонски клуб што дава шанси на македонски играчи и ни ја дава неопходната поддршка “, изјави Лазаров.
Стратегот на Алкалоид потоа даде и краток осврт на целокупната групна фаза, во која македонскиот вицепрвак стигна до три бода.
„Мислам дека можам да бидам задоволен бидејќи освоивме три бода во една неатрактивна, а многу силна група. Јас многу верувам во овие мои играчи, можеби малку ги преценив и самиот се преценив. Во секој случај, оваа Лига на Европа е добредојдена, да видиме што треба да се корегира. Потребно е време, потребно е искуство за да се напредува, мене во прв момент ме нервираат некои промашени шанси, но кога ќе се размисли подобро тоа е нормално, тоа е процесот на учење. Јас сум таков,верувам и во невозможното, но увидов дека не треба залетување и треба уште многу да се работи за да бидеме конкурентни во Европа. Овие шест натпревари ни се добар патоказ. Мислам дека го дадовме максимумот, секогаш имавме желба за победа, на добар пат сме и ќе продолжиме да работиме, за доброто на клубот и за доброто на македонскиот ракомет“, истакна Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА