ЛЕ: Велкоски со Сараево непоразен со Аталанта, триумф за Мирко Ивановски со Хајдук

Босанскиот претставник Сараево ремизираше (2-2) на гостувањето против италијанскиот калчолигаш Аталанта, во првиот меч од второто коло во квалификациите за Лигата на Европа. Македонскиот интернационалец Крсте Велкоски го одигра целиот меч за Сараево. Аталанта поведе со 2-0, со головите на Толои и Мансини во првиот дел, а Сараево возврати во второто полувреме преку Ханџиќ и Шишиќ.

Мирко Ивановски славеше триумф (1-0) со Хајдук Сплит на „Пољуд“ против Славија Софија. Стрелец на единствениот гол за хрватскиот тим беше Ахмед Саид, а Мирко Ивановски беше на теренот до 76.минута.

Бесир Демири го одигра целиот натпревар за Мариупол во ремито (1-1) на гости против Ѓургарден во Шведска. Иван Тричковски исто така одигра 90 минути за АЕК Ларнака во ремито без голови против Дандалк. Агим Ибраими и Зени Хусмани беа во составот на Домжале во ремито без голови против Уфа, а Даниел Аврамовски учествуваше во убедливиот триумф (5-1) на Олимпија над Крусадерс.

Се вчитува...