Леброн ги одведе Лејкерси до десетта победа сезонава, нова „магија“ на Џејмс Харден… (ВИДЕО)

ЛА Лејкерс славеше со 99-97 против Сакраменто во еден од најинтересните синоќешни натпревари од НБА лигата. Кингси беа подобри во поголемиот дел од првото полувреме, но Лејкерси со одлична игра во второто полувреме стигнаа до десеттата победа сезонава.

Домашните до триумфот ги водеше извонредниот Леброн Џејмс кој постигна 29 поени, дополнети и со 11 асистенции. Дејвис запиша 17 поени, а поен помалку имаше Колдвел-Поуп. Кај Сакраменто најефикасен беше Бади Хилд со 21 поен, а Богдан Богдановиќ уфрли 18 поени.

Имаше Сакраменто да дојде до израмнување и продолженија, но Ентони Дејвис одлично го блокираше обидот на Барнс во последната секунда.

Голден Стејт загуби на домашен терен од Бостон со 100-105. Татум беше најефикасен со 24 поени а Вокер дополни со 20 поени во победничката екипа.

Вреди да се издвои и одличната партија на Бредли Бил во гостинската победа на Вашингтон над Минесота од 116-137. Бил натпреварот го заврши со 44 поени и 10 асистенции.

Повторно одличен беше и Џејмс Харден кој постигна 44 поени во победата на Хјустон над Индијана од 111-102.

Во останатите натпревари Шарлот пред своите навивачи славеше против Детроит со 109-106, Орландо го победи Сан Антонио со 111-109, Оклахома беше подобра од Филаделфија победувајќи со 127-119.

Се вчитува...