Леброн и Бол супер трипл-дабл тандем како Џонсон и Џабар (ВИДЕО)

Лос Анџелес Лејкерс го надминаа лошиот старт на сезоната и предводени од Леброн Џејмс се меѓу најдобрите тимови во Западната конференција од НБА лигата. Составот од филмскиот град ја забележа третата победа на последните четири натпревари и стигна до биланс од 18/11 што е доволно за четвртата позиција на Западот.

Лејкерс триумфираа над Шарлот со 128-100 во натпреварот во кој и Леброн Џејмс и Лонзо Бол имаа трипл-дабл ефект. Леброн имаше 24 поени, 12 скока и 11 асистении во неговиот 75. трипл-дабл учинок, додека Бол постигна 16 поени, а имаше по 10 скока и асистенции.

Леброн и Бол се првите соиграчи по Џејсон Кид и Винс Картер во 2007 и прв тандем на Лос Анџелес Лејкерс по Меџик Џонсон и Карим Абдул Џабар во 1982 година што забележал трип-дабл ефект на еден натпревар.

Покрај Лејкерс, гостински победи забележаа и Хјустон над Мемфис со 105-97 и Чикаго кој направи подвиг и се врати од негатива од 21 поен и славеше кај Сан Антонио со 98-93. На домашен паркет, во Западното дерби, Оклахома беше поуспешна од Лос Анџелес Клиперс со 110-104, Детроит славеше над Бостон со 113-104, а Феникс ја победи Минесота со 107-99.

 

 

Се вчитува...