Леброн: Во Лејкерс сите се отрпнати на порази

Поразите во НБА лигата се нешто на што Леброн Џејмс не е воопшто навикнат. Тој не бил дел од лоша, губитничка сезона уште од 2003/04 кога беше дебитант. Затоа тешко се справува со лошите резултати на Лос Анџелес Лејкерс.

По неуспехот на гостувањето кај Њу Орлеанс кој беше без Ентони Дејвис, Леброн изјави дека се плаши од тоа што неговите соиграчи,  а и сите воопшто во клубот, се отрпнати на поразите.

„Во последните неколку години сите овде се навикнати на поразите, но јас едноставно не можам да ги поднесам. Никогаш не можам да се навикнам на чувството на пораз. Кога губам во натпреварот број еден во сезоната од Хјустон, ми е исто трагично како и кога губам во натпреварот број 59 од Њу Орлеанс. Јас сум едноставно таков“ – вели Леброн.

Дополнително Џејмс уште го потенцира и фактот дека неговите помлади соиграчи Брендон Инграм, Кајл Кузма и Лонзо Бол не биле дел од победничка екипа од влегувањето во лигата.

Лос Анџелес Лејкерс ја немаат надминато границата од 50 проценти уште од 2003 година кога и последен пат беа во постсезоната.

 

 

Се вчитува...