Матијас Андерсон со години важеше за „ѕвезда“ на Фленсбург, летово ја заврши својата кариера, а потоа ги шокираше навивачите на овој клуб потпишувајќи за Кил. Легендарниот шведски голман ќе биде вклучен во стручниот штаб на тренерот Алфред Гисласон, крај помошникот Филип Јиха и ќе се грижи за тренинзите на голманите. Во ситуација кога „зебрите“ имаат два врвни голмани во Никлас Ландин и Андреас Волф, советите на шведскиот ас ќе бидат драгоцени во обидите овој клуб да се врати на врвот на германскиот ракомет.
„По деталните анализи за минатата сезона, нашите голмани покажаа желба за уште понапорна индивидуална работа. Сакаме да им помогнеме на Ландин и на Волф да станат уште подобри голмани, затоа сме презадоволни што успеавме да го донесеме Матијас во нашиот клуб. Неговото искуство и ракометно знаење, особено за нашите ривали од германското првенство, ќе бидат од огромна помош за голманите на Кил“ – изјави спортскиот директор на „зебрите“, Виктор Шилаги.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА