Лејкерс во „лузерска“ серија без Леброн

Повредата на Леброн Џејмс го исфрли од ритам тимот на Лос Анџелес лејкерс, кој загуби на домашен терен од Оклахома со 100-107, трети пораз на „езерџиите“ во последните четири натпревари. Навивачите на лејкерси со свирежи го пречекаа Пол Џорџ, кој јавно изјави дека летово одбил да му се приклучи на Леброн во лејкерси, туку остана во Оклахома. Џорџ одигра фантастично второ полувреме и го заврши натпреварот со 37 поени, потврдувајќи дека е еден од најдобрите кошаркари во лигата сезонава, истовремено и замолкнувајќи ги свирежите.

Далас неочекувано лесно славеше во Шарлот со 84-122, дуел на кој Лука Дончиќ стигна до нов дабл-дабл (18 поени и 10 скокови).

Ембид го имаше најдобриот настап на синоќешните натпревари, центарот на Филаделфија делуваше незапирливо на гостувањето во Феникс, реализирајќи 42 поени и 18 скокови во победата на својот тим.

Импресивен натпревар одигра и Ентони Дејвис, кој имаше 34 поени и 26 скокови против Бруклин, но неговиот тим Њу Орлеанс сепак не успеа да стигне до победата.

Резултати НБА:

Шарлот – Далас 84-122, Кливленд – Мајами 92-117, Вашингтон – Атланта 114-98, Бруклин – Њу Орлеанс 126-121, Бостон – Минесота 115-102, Чикаго – Орландо 84-112, Мемфис – Детроит 94-101, Феникс – Филаделфија 127-132, ЛА лејкерс – Оклахома 100-107.

Се вчитува...