Најзвучните НБА-трансфери летово: Ленард, Вестбрук, Дејвис ….

Пред нас е најнеизвесната сезона во НБА лигата во последните петнаесетина години. Голем дел од најголемите „ѕвезди“ во најсилната кошаркарска лига во светот, изминатот лето ја променија средината. Во продолжение Ви ги претставуваме најголемите премини сезонава .

КАВАЈ ЛЕНАРД (ЛА Клиперс) 

Ленард се покажа како човек кој е експерт за уривање на династии во НБА. Првиот пат тоа му успеа со Сан Антонио кога во големото финале ја урна династијата на Мајами, предводена од Леброн Џејмс, Двејн Вејд и Крис Бош. Вториот пат можеби и уште поизненадувачки беше минатата сезона кога го водеше канадскиот Торонто до првата титула во НБА и тоа ни повеќе ни помалку против една од најсилните династии во лигата Голден Стејт. Иако во финалната серија Вориорс имаа големи проблеми со повредите, никако не смее да се потцени учинокот кој го направи Ленард, со франшизата која традиционално се сметаше за губитничка. Сега има нова задача во неговиот роден Лос Анџелес, помалиот клуб да го доведе до врвот и конечно да го извади од сенката на големите „Лејкерс“. 

КЕВИН ДУРАНТ (Бруклин Нетс) 

Иако веројатно ќе ја пропушти целата сезона, Дурант мора да биде на второто место на листата за најдобри премини изминатата „оф-сезона“. Крилото кое беше обвинето како предавник кога премина од Оклахома во Голден Стејт, реши да ги промени Вориорс со франшиза која и не е така популарна во САД. Ќе има задача заедно со Кајри Ирвинг следните неколку години да ја донесе титулата во Бруклин. Имаше неколку потенцијални дестинации откако се знаеше дека нема да остане во Сан Франциско, но на крајот се одлучи за тимот кој минатата сезона на истокот прикажуваше солидни партии, а годинава е засилен и за Кајри Ирвинг и Де Андре Џорда. 

ЕНТОНИ ДЕЈВИС (ЛА Лејкерс) 

Долго време се обидуваше сам да го води Њу Орлеанс Пеликанс, но немаше помош од соиграчите, поради што одлучи да го напушти клубот. Премина во „градот на ангелите“ и стана уште еден од плејадата центри кои што од помала франшиза се решиле да преминат во ЛА. Притисокот на него и на Леброн Џејмс ќе биде огромен. Дејвис ќе мора да покажува игри како легендарните Чембрлејн, Џабар, О’Нил, а се освен прстен во Калифорнија се смета како неуспех. Последниот звучен играч на центарската позиција кој пристигна во Лејкерс, беше Двајт Хаурд кој баш и не се прослави. Сплет на околности тој е повторно тука и ќе дели минутажа со Дејвис за кого „езерџиите“ дадоа се што имаа само за една цел… „уште еден до два прстена за Леброн“. 

РАСЕЛ ВЕСБРУК (Хјустон Рокетс) 

Еден од најомилените кошаркари во лигата џентлменски се раздели со Оклахома и одлучи и тој да тргне во поход по НБА прстен. Заминаа Харден, Дурант, Ибака, а тој се уште беше лојален на франшизата која ако знаеше подобро да работи сега немаше да зборуваме за Голден Стејт како династија. Имаа суперталентиран млад тим кој успеа да стигне до финалето и да биде само на чекор од освојување на трофејот. Сето тоа се распадна, Дурант, Харден и Весбрук освојуваа МВП признанија, но се беше залудно бидејќи не беа заедно. Сега му се придружи на Харден во Хјустон и подготвени се да ја прикажат играта од Оклахома и да се обидат да стигнат до далеку посакуваниот прстен. 

КАРЈИ ИРВИНГ (Бруклин Нетс)

Се одлучи да се тргне од сенката на Леброн Џејмс во Кливленд и да замине во Бостон да биде лидер на најголемата франшиза во историјата на НБА. Тоа се покажа како голем залак, немаше добра хемија со соиграчите, па одлучи повторно да премине во тим во кој веројатно нема да биде прва ѕвезда. Сепак, во недостаток на Дурант, сезонава ќе мора да го води Бруклин до што подобро место на Истокот и да се обиде со добрите игри, следната сезона заедно со Дурант да ги истакне „Нетс“ како први фаворити за освојување на трофејот. 

ПОЛ ЏОРЏ (ЛА Клиперс) 

Несомнено најдобрите партии ги прикажа во Индијана Пејсерс, во која целата игра се вртеше околу него. Се одлучи да премине во Оклахома и заедно со Весбрук да биде конкурентен за освојување на титулата. Минатата сезона до повредата беше и во игра за МВП признанието, но сепак поради честите повреди мора да биде ставен во вториот „ешалон“ на „ѕвезди“ во НБА. Сега има нова цел. Оформен тим кој лани успеа на Вориорс да им земе две победи во плеј-офот, но и со Ленард кој моментално е број 1 во НБА, мора да биде клучот на освојување на трофејот на помалиот клуб од ЛА. 

Се вчитува...