Ленард и Џорџ промовирани во ЛА Клиперс

Со ветување дека ќе направат се за на франшизата да и донесат шампионски прстен во Лос Анџелес Клиперс беа промовирани Каваи Ленард и Пол Џорџ. И Ленард кој доаѓа од актуелниот шампион Торонто и Џорџ кој направи трансфер од Оклахома се родени во Лос Анџелес.

„Ова е шанса да изградиме историја. „Клиперс“ никогаш не биле во финалето, немаат титула и тоа придонесе да ја донесам одлуката за да дојдам овде. Пораснав како навивач на „клиперс“. Го сакам овој тим од детството. Клубот сака да победува и со Док Риверс, тренерот кој веќе го освојувал шампионскиот прстен, тоа ќе биде полесно. Иако „клиперс“ се многу подобри последниве години, сето внимание е кон „лејкерс“ и тоа се медиумите, мене тоа не ме интересира“ – изјави Ленард на промоцијата.

Пол Џорџ пак вели дека судбината решила тој и Ленард да завршат во ист клуб.

„Се сеќавам дека Индијана го драфтуваше Каваи. Тогаш бев таму и бев загрижен за мојата позиција, но набрзо сфатив дека има место за двајцата. За жал, Каваи беше разменет во Сан Антонио. Сега судбината конечно не спои. Ајде да го направиме Лос Анџелес на наш начин“ – рече Џорџ.

И двајцата кошаркари ги задржаа броевите кои ги носат во текот на кариерата. Ленард ќе ја носи двојката, а Џорџ 13-та.

 

 

 

 

 

Се вчитува...