Ленард и ЛА Клиперс го најдоа лекот за шампионот

Торонто триумфираше на гостувањето против ЛА Лејкерс, прекинувајќи ја триумфалната серија на „езерџиите“, но „рептилите“ немаа сили да го повторат успехот и на синоќешниот дуел со ЛА Клиперс, губејќи со 98-88. Заморот во таборот на актуелните НБА-шампиони беше и повеќе од очигледен, нападот воопшто не функционираше, па на крајот беа принудени на капитулација.

Каваи Ленард го одигра својот прв меч против тимот со кој лани ја освои титулата и не беше премногу расположен за игра, постигнувајќи 12 поени со шут од поле 2/11. Најефикасен кај победничкиот тим беше Вилијамс со 21 поен, додека најдобар поединец кај Торонто беше Сиакам, со дабл-дабл од 16 поени и 10 скокови.

Лука Дончиќ постигна 34 поени, но и тоа се покажа недоволно за Далас да триумфира на гостувањето во Бостон. „Зелените“ триумфираа со 116-106, нивни осми триумф во низа благодарение на одличниот Кемба Вокер и неговите 29 поени.

Џејмс Харден со 39 поени го предводеше Хјустон до триумф на гостувањето против Њу Орлеанс, додека десеткуваниот Голден Стејт претрпе нов пораз, овојпат на домашен терен од Јута со 108-122.

Резултати НБА:

Детроит – Минесота 114-120, Бостон – Далас 116-106, Сан Антонио – Мемфис 109-113, Њу Орлеанс – Хјустон 116-122, Голден Стејт – Јута 108-122, ЛА Клиперс – Торонто 98-88.

Се вчитува...