Ленард: И мене ме возеше истиот пилот како и Коби

Кошаркарот на ЛА Клиперс, Каваи Ленард, откри дека и тој го користел истиот пилот како и Коби Брајант, да го управува неговото летало при патувањата во околината на Лос Анџелес. Станува збор за Ара Зобајан, кој беше зад управувачот на хеликоптерот во кој животот го загуби Брајант.

„Пред да дојдам во Лос Анџелес токму со Коби дискутирав за начинот на транспорт, тој ми откри дека е презадоволен како функционира патувањето со хеликоптер. Ме запозна и со Ара Зобајан, со кого летав многу често во изминатиот период. Ќе ме земеше и ќе ми кажеше дека Коби ме поздравил, или пак ќе ме оставеше дома и ќе ми кажеше дека се брза бидејќи мора да го земе Коби… Тој беше прекрасна личност, еден од најдобрите пилоти што постојат. Се уште сум во шок“, изјави Ленард.

Тој не е сигурен дали воопшто ќе се вози повторно со хеликоптер до крајот на животот, по она што се случи со Коби Брајант.

„Не знам што ќе правам, искрено не знам. Сега слушаме работи, не знаеме што е вистина. Уште ми е рано да решам дали пак ќе користам хеликоптер за превозно средство“, истакна асот на ЛА Клиперс.

Се вчитува...