Ленард се врати Клиперс победува, Мајами со најдобар старт по „ерата на Леброн“ (ВИДЕО)

Кошаркарите на Лос Анџелес Клиперс, предводени од првата „ѕвезда“ Кавај Ленард го совладаа Портланд со 107-101. Првото полувреме помина во знакот на домаќините, но третиот период гостите ја наметнаа својата игра и негативата од седум поени, ја претворија во позитива од шест. Сепак, во последните дванаесет минути Клиперс успеаја да ја вратат својата препознатлива игра. Постигнаа 37 поени и стигнаа до шестата победа сезонава што ги носи на скор од 6-3, додека Портланд има 3-5. Кавај Ленард мечот го заврши со 27 поени, 13 скока и четири асистенции. Во Портланд Лилард и Мекалум мечот го завршија со по 22 поени.

Кошаркарите на Мајами Хит славеа на гостувањето кај Феникс Санс со 108-124. Освен на почетокот на мечот кога Феникс имаше минимална предност, во текот на целиот меч гостите од Флорида го контролираа мечот. Џими Батлер со 34 поени беше прво име во победничкиот табор, додека Горан Драгиќ постигна 25. Кај Феникс Арон Бејнс мечот го заврши со 15 поени и 10 скока. Мајами во досегашниот дел од сезоната има скор 6-2, со што го бележи најдобриот старт од „пост Леброн ерата“ во НБА лигата.

Во останатите мечеви од синоќешната понуда Шарлот – Бостон 87-108 и Сан Антонио – Оклахома 121-112.

Се вчитува...