Лидерот се одлучува во Битола, Гостивар и ТФТ за петто место на табелата

Како што одминува сезоната така полека го добиваме и конечниот изглед на табелата и двојките во доиграувањето за титула, а денешните натпревари во Битола и Гостивар го одлучуваат лидерот на табелата и тимот кој плеј-офот ќе го започне од петтото место.

Првиот натпревар е со почеток од 17 часот во „Младост“ каде силите ќе си ги одмерат Гостивар и ТФТ. По доаѓањето на Александар Јончевски на клупата, „сино-белите“ играат одлично и на овој натпревар влегуваат на крилјата на победите над МЗТ Скопје и Работнички во претходните две средби па фаворитската улога е насочена кон домаќинот.

За разлика од нив, сензацијата на сезоната мака мачи со повреди во последниот месец. Избраниците на Смилковски на дуелот против Академија ФМП настапија без повредениот Харис, а неговото отсуство беше повеќе од видливо на теренот. Очекувањата се дека Американецот ќе му биде на располагање на скопскиот тим на овој меч па ќе биде интересно да видиме дали ТФТ ќе успее да ја прекине низата од осум последователни порази во БИБЛ и Првата лига.

Овој меч директно ќе одлучува за петтата позиција на табелата, а губитникот најверојатно ќе мора да се задоволи со седмото место. Гостивар, ТФТ и Куманово имаат по 12. победи во досегашниот дел од сезоната, но предноста е кај Гостивар и ТФТ кои имаат подобра кош разлика од Куманово. Избраниците на Ѓорѓиевски имаат и дуел помалку па доколку слават против Вардар ќе можат да завршат на шестото место.

Далеку позначаен ќе биде дуелот во „Боро Чурлевски“ кој е закажан со почеток од 18 часот, во кој Пелистер и Работнички ќе го одлучуваат лидерот на табелата.

Битолчани се наоѓаат во поповолна позиција од „најтрофејните“ со оглед на тоа првиот натпревар во Скопје заврши со убедлива победа на „зелено-белите“ од 81-105 па и пораз помал од 24 разлика ќе ја закити речиси перфектната сезоната на Пелистер со прво место на табелата.

„Влегуваме во овој натпревар максимално мотивирано. Во текот на целата сезона сме на чело на табелата и секако дека тоа сакаме да го потврдиме и денеска. Нашата цел е да ја наметнеме нашата брза игра. Знаеме кои се нивните главни карактеристики во нападот и ни преостанува само да излеземе на теренот максимално фокусирани и да покажеме дека со право сме на првото место“, изјави за ЕКИПА, Бобан Стајиќ.

Во фокусот на денешниот меч ќе биде дуелот под обрачите каде високите играчи на двата тима доминираат во регуларниот дел од сезоната, па оној кој што ќе успее да го заштити рекетот и да го исконтролира скокот ќе заврши половина од задачата. Ни претстои одличен натпревар кој може и да биде интрига за самото финале, па интересно ќе биде да го проследиме овој меч.

Се вчитува...