Лидс објави: Збогум Алиоски, фала ти за се

Лидс Јунајтед денеска и официјално објави дека Езгијан Алиоски си заминува од овој англиски премиерлигаш, откако не беше постигнат договор за продолжување на соработката што заврши на 30 јуни.

Челниците на Лидс долго време се обидуваа да го убедат Алиоски да го продолжи престојот на „Иланд Роуд“, но на крајот признаа пораз во оваа трка, објавувајќи крај на соработката и јавно заблагодарувајќи му се на македонскиот репрезентативец за се што стори за овој клуб во изминатите четири сезони.

„Знаев дека Џани ќе биде специјален лик од моментот кога влезе во клупската зграда. Емоциите на неговото лице, лицата на неговите родители кога го потпишуваше договорот, знаев дека тој ќе даде се од себе носејќи го овој дрес. И покрај се, тој ги надмина моите очекувања. Тој беше врвен професионалец на теренот и надвор од него, сигурно ќе им недостига на соиграчите, благодарни сме му за се што стори за Лидс и му посакуваме многу среќа во иднина“, изјави спортскиот директор на Лидс Јунајтед, Виктор Орта.

Езгијан Алиоски одигра 171 натпревар во дресот на Лидс, притоа постигнувајќи 22 погодоци. Македонскиот репрезентативец е желба на неколку турски прволигаши, а најсериозна понуда досега испрати Трабзонспор.

Се вчитува...