Лига Европа: Милан и Арсенал по планот, цел Дортмунд го слави Батшуаи

Арсенал и Милан си ја завршија работата уште на првите средби од нокаут фазата во Лигата на Европа, стигнувајќи до значајни победи на гостински терен со кои двата европски гиганти се на чекор до осминафиналето. Арсенал доминираше од самиот почеток во Шведска и заслужено славеше со 0-3 на дуелот со Остерсунд. Начо Монреал ја отвори серијата голови, потоа следеше автогол на Папајанопулос, а третиот погодок беше дело на Месут Озил. Швеѓаните во 90. минута имаа идеална шанса за почесен гол, но Оспина го одбрани пеналот на Петерсон.

Милан со рутинска игра стигна до победа на дуелот во Бугарија против Лудогорец. Кутроне уште еднаш се покажа како откровение на сезоната отворајќи го резултатот во Софија, на 0-2 зголеми Родригез од пенал, а конечните 0-3 ги постави Борини во 92. минута.

 

Најинтересно беше во Дортмунд, каде Борусија по голема битка славеше со 3-2 над Аталанта. Шурле донесе предност на „росонерите“ во првиот дел, но потоа Иличиќ со два гола направи пресврт на самиот старт од второто полувреме. Мичу Батшуаи уште еднаш се покажа како херој по трансферот од Челси, белгискиот ас постигна два погодоци, од кои вториот во 92. минута и донесе минимална предност на „милионерите“ пред реваншот во Бергамо.

Многу близу до пласман во осминафиналето е Спортинг Лисабон, откако тимот на нашиот Стефан Ристовски победи со 1-3 на гостувањето против Астана. Домаќините по првото полувреме имаа предност од еден гол, за Спортинг до 55. минута да постигне три погодоци и да го реши победникот. Ристовски беше на клупата, но не влезе во игра на овој натпревар.

Жермен беше во главна улога во тимот на Олимпик Марсеј при денешниот триумф над Брага од 3-0. Екс-голгетерот на Монако ги постигна првите два гола вечерва на „Велодром“, пред конечните 3-0 да ги постави Тован.

Ница и покрај предноста од 2-0 со двата гола на Балотели на крајот загуби на домашен терен од Локомотив Москва со 2-3, а многу интересно беше и во Сан Себастијан, каде Салцбург со гол во 92. минута остана непоразен против Реал Сосиедад (2-2).

Се вчитува...