Лига Европа: Ристовски со Спортинг во осминафинале, елиминирани Партизан, Селтик, Ница…

Стефан Ристовски ќе биде дел од осминафиналето во Лигата на Европа откако со тимот на  Спортинг неочекувано ремизираше 3-3 против Астана. Откако поголемиот дел од задачата ја заврши на првиот меч на гостински терен (1-3), португалскиот гигант со рутинска игра чекореше до нов триумф со водство од 3-1, но Ристовски и соиграчите во финишот  се опуштија и им дозволија на гостите да се вратат и да стигнат до реми.

Зенит со одличен настап пред своите гледачи го совлада Селтик со 3-0, елиминирајќи го поранешниот европски првак кој допатува во Санкт Петербург со минимална предност од 1-0 од првиот натпревар во Глазгов. Бранислав Ивановиќ го прослави својот роденден постигнувајќи гол за водство од 1-0, по што Зенит заигра уште подобро, па со погодоците на Кузјајев и на Кокорин си го осигура пласманот во следната рунда.

Елиминиран од натамошните борби е и францускиот прволигаш Ница, кој загуби со 1-0 на гостувањето против Локомотив Москва, откако беше поразен и на првиот меч на домашен терен со 2-3.

Лацио бркаше негатива од еден гол по првиот дуел со ФЦБ (поранешна Стеауа), но римскиот гигант целосно одговори на предизвикот откако вечерва го декласираше овој ривал со преубедливи 5-1 меч на кој Чиро Имобиле постигна хет-трик. Наполи славеше со 0-2 на гостувањето против Лајпциг (стрелци Зиелински и Инсиње), но „наполитанците“ сепак се елиминирани поради убедливиот пораз од 1-3 што го претрпеа пред седум дена во Неапол.

Лион со победата од 0-1 против Вилјареал си го запечати пласманот во следната рунда, исто како и Атлетико Мадрид со минималната победа од 1-0 на домашен терен над ФЦ Копенхаген.

По Црвена звезда, вечерва својот настап во Лигата на Европа го заврши и Партизан, откако „црно-белите“ загубија на гостувањето во Чешка од Плзен со 2-0. Чешкиот состав го отвори резултатот кон средината на второто полувреме, за конечните 2-0 да ги постави во 94. минута по катастрофалната грешка на голманот Стојковиќ.

Се вчитува...