Лига Европа: „Топчиите“ распукаа по ЦСКА, Спортинг со два гола си оди од Мадрид

Домаќините имаа максимален ефект во првите четвртфинални натпревари од Лигата на Европа. Најубедлив беше Арсенал, кој на „Емирати“ ја совлада ЦСКА Москва со 4-1. По два гола постигнаа Арон Рамзи и Александре Лаказет, а Головин од слободен удар стрелаше за „армејците“ на овој меч.

Спортинг Лисабон загуби со 2-0 на „Ванда Метрополитано“ од Атлетико Мадрид, а македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски остана на клупата за резервни фудбалери. Коке го отвори резултатот во корист на шпанскиот претставник по само дваесетина секунди од мечот, а Антоан Гризман во 40.минута зголеми на 2-0.

Лацио го совлада Салзбург со 4-2 на „Олимпико“ во Рим. Лулиќ беше стрелец на првиот гол за „лацијалите“, но Бериша од пенал обезбеди Салсбург да не замине со негатива на полувремето. Сепак, Пароло, Фелипе Андерсон и Имобиле во вториот дел ја тресеа мрежата на гостите, а погоди и Минамино на спротивната страна, за конечни 4-2.

Лајцпиг го совлада Олимпик Марсеј пред своите гледачи со 1-0, а стрелец на единствениот гол беше Тимо Вернер во 45.минута од натпреварот. Реваншите се играат по седум дена.

Се вчитува...