Лига Европа: Збогум за Милан, Борусија Дортмунд и за Лион

Арсенал го совлада Милан со 3-1 на „Емирати“ и го потврди пласманот во четвртфиналето на Лигата на Европа. „Топчиите“ и на првиот меч славеа со 0-2, а вечерашната пресметка ќе остане запаметена по одглумениот пенал на Дани Велбек, кој веројатно беше и пресуден фактор на мечот.

Чалханоглу го доведе Милан во водство во 35.минута, а четири минути подоцна судијата наседна на падот на Велбек и досуди пенал, пто го реализираше истиот фудбалер. Во второто полувреме, Гранит Џака и повторно Дани Велбек ги расчистија сите дилеми околу патникот во следната рунда, а кумуваше и Џанлуиџи Донарума со слаби интервенции.

Елиминирана е и Борусија Дортмунд. Салцбург одигра 0-0 на домашен терен против „милионерите“ и ја сочува предноста (1-2) од првиот меч кога неочекувано го совлада германскиот бундеслигаш.

Збогум и за Лион во Лигата на Европа. Францускиот тим имаше минимална предност (0-1) од првиот натпревар со ЦСКА Москва, но загуби со 2-3 на домашен терен. Головин, Муса и Вернблом беа стрелци на головите за рускиот претставник. За Лион погодија Корне и Марсело Дијаз, но недоволно за пласман понатаму.

Се вчитува...