Лига на Европа: Астон Вила со стил, што му се случи на Бетис?

Астон Вила во голем стил го обезбеди билетот за полуфиналето во Лигата на Европа откако славеше и на реваншот против Болоња, овојпат со убедливи 4-0. Иако имаа предност од 3-1 од првиот дуел во Болоња, избраниците на Унаи Емери одиграа перфектни 90 минути на домашен терен, славејќи убедливо со головите на Воткинс, Буендиа, Роџерс и Конса.

Лигата на Европа ќе донесе англиско полуфинале бидејќи Астон Вила за следен противник ќе го има составот на Нотингем Форест. „Шумарите“ вечерва славеа со 1-0 на домашен терен над Порто, исход што беше доволен за прво европско полуфинале по пауза од 32 години. Погодокот на Гибс Вајт во 12. минута се покажа доволен за овој голем успех, мора да се истакне дека гостите од 8. минута беа со играч помалку по исклучувањето на Беднарек, што дефинитивно влијаеше врз играта и конечниот исход за тимот на Порто.

Пласман во полуфиналето обезбеди и Брага, по феноменалната победа од 2-4 на гостувањето против Бетис. Првиот дуел заврши нерешено, а Бетис имаше предност од 2-0 по дваесетина минути игра на вечерашниот реванш. Бетис постигна и трет погодок што беше поништен со ВАР, по што почна феноменалниот пресврт на гостите од Португалија. Тие најпрвин намалија на 2-1 до крајот на првото полувреме, а  потоа во вториот дел целосно го свртеа резултатот во своја полза со головите на Карвалјо, Хорта и Горби.

Ривал на Брага во полуфиналето ќе биде тимот на Фрајбург, кој прв стигна до полуфинален билет по елиминацијата на Селта.

Се вчитува...