Лигата со 12 клубови, долговите ќе се подмират до стартот на сезоната

Челниците на КФСМ предводени од претседателот Перо Антиќ денеска одржаа состанок со претставници на прволигашките екипи, се со цел да се најде начин да се подмират долговите и новата сезона да стартува што поскоро.

Јасно е дека долговите, кои севкупно изнесуваат околу 70.000 евра, ќе мора да се подмират, а клубовите најверојатно официјално ќе побараат за краен рок да биде поставен стартот на новата сезона (најверојатно во првата седмица од месец октомври).

Се дискутираше и за системот за натпреварување, при што огромни се шансите во новата сезона да се натпреваруваат 12 екипи. Во однос на ланската сезона ќе го нема тимот на Блокотехна, нови членови се МЗТ Скопје 2 и ФМП, а согласно пропозициите последното место ќе биде понудено на третата и четвртата екипа од Втората лига (Ангели и Карпош соколи). Доколку двата тима не прифатат да станат дел од елитата, тогаш местото ќе му биде понудено на Шкупи, тимот што ланската сезона испадна од Првата лига без ниту една единствена забележана победа.

Сите одлуки околу новата сезона ќе бидат донесени на новиот состанок меѓу челниците на КФСМ и прволигашите, закажан за следната седмица.

Се вчитува...