Лино не заборава: Како Трајковски се најде на списокот на Червар?

mec baner

Благојче Трајковски е играчот што заедно со оние најстандардните (Лазаров, Манасков и Миркуловски) го одбележува стартот на Македонија на овој светски шампионат. Голманот што имаше клучни одбрани со Тунис, а потоа даде два гола за една минута на Ангола, на најдобар можен начин ја оправдува довербата што му ја укажа Лино Червар. Трајковски е 30-годишен голман кој во кариерата настапува за бројни клубови ширум Македонија, но Червар најдобро го памети по еден дуел, кој е главна препорака за овој чувар на мрежата да се најде на репрезентативниот список.

„Тоа беше дуелот меѓу Макс Струмица и Металург од пред две сезони. Пресметка во која победникот одеше во СЕХА-лигата, успеавме да го совладаме поранешниот шампион, а јас имав бројни одлични интервенции. Сигурно е дека Лино Червар го забележил тој мој настап и добро го запомнил, иако оттогаш имам уште бројни квалитетни натпревари во домашното првенство“ – изјавува Трајковски.

Червар свесно влезе во ризик кога станува збор за изборот на голмани, решавајќи се за чувари на мрежата кои доаѓаат од домашното првенство, а притоа не бранат ниту за Вардар, ниту за Металург.

Токму затоа и притисокот беше огромен, бидејќи знаевме што се очекува од нас. Немаме брането ниту во Лигата на шампионите, а сега треба да ја чуваме мрежата на Македонија на еден мундијал. Мислам дека добро си ја вршиме работата, а очекувам да бидеме уште подобри на следните натпревари, бидејќи секој нов меч уште повеќе ја зголемува самодовербата и кај мене и кај Колев“ – вели Благојче Трајковски.

trajkovski ddd

Тој одлично ги искористи новите ракометни правила, па кога Ангола синоќа тргна во напад без голман, македонскиот чувар на мрежата два пати во неполна минута постигна гол од сопствениот шестерец.

„Сезонава имам постигнато шест гола во домашното првенство, мислам дека од вкупно осум обиди. Првпат ми е во кариерата да дадам два гола, па уште на меч од Светското првенство, нормално дека сум пресреќен“ – истакнува голманот.

Вистинските предизвици на мундијалот допрва претстојат, а нареден е оној утрешниот против Словенија, селекција што исто како и Македонија има четири бода по првите две кола.

Опасноста од Словенците доаѓа буквално од сите страни, тоа е селекција што е одлично покриена на сите позиции. Ќе биде тежок дуел, но верувам во нас, ако одиграме онака како што знаеме можеме да ги совладаме и на крајот да се радуваме“ – порачува за крај Благојче Трајковски.

Се вчитува...