Лица од одделот за безбедност на ФФМ одговорни за македонските навивачи на ЕП, и Владата деминтира дека Буњаку е одговорен за навивачите

Демантирајќи ги лажните информации пласирани во јавноста дека актуелниот директор на Шкупи, Омер Буњаку ќе биде именуван за одговорен за македонските навивачи кои ќе сакаат да патуваат на ЕВРО 2020 во Букурешт и Амстердам, од Фудбалската федерација нагласуваат дека единствено задолжени одговорни лица за тоа ќе бидат од секторите за безбедност при ФФМ.

„Јасно истакнуваме дека за време на патувањето, престојот и присуството на натпреварите во Букурешт, навивачите ќе бидат придружувани исклучиво од лица од одделот за безбедност и интегритет на ФФМ, Комисијата за безбедност при ФФМ и делегирани претставници од Министерството за внатрешни работи на Македонија. Роберт Марковиќ – раководител на оддел за безбедност и интегритет во ФФМ и Зоран Саздов – заменик претседател на Комисија за безбедност и одговорно лице за контакт со навивачите во УЕФА ќе бидат одговорни за сигурноста и безбедноста на вкупната бројка на поддржувачи на нашата репрезентација за време на патувањето и престојот на ЕП. Истовремено, сакаме да упатиме известување до јавноста дека ФФМ нема остварено контакт, ниту дадено било каква одговорност кон други лица кои се посочуваат во јавноста во врска со било каква организација на навивачите за натпреварите од ЕП. Информираме дека сме во постојана комуникација со УЕФА и властите во Романија околу евентуалното зголемување на бројот на навивачи на Националната арена во Букурешт, но до овој момент сеуште е на сила одлуката за најмногу 33% исполнетост од капацитетот на стадионот“ – информираат од ФФМ.

И од македонската Влада денеска ги демантираа написите дека Буњаку, кој е поранешен водач на навивачката група „Шверцери“ има било каква функција поврзана со Координативното тело како поддршка за репрезентацијата за ЕВРО 2020.

„Владата на Република Северна Македонија најостро ги демантира медиумските написи дека Омер Буњаку, член на Кабинетот на првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците е одговорен за македонските навивачи на претстојното фудбалско првенство Евро 2021. Координатор на работното тело формирано од Владата и одговорен за поддршка при организацијата, комуникацијата и промоцијата на настапот на Македонската фудбалската репрезентација на Европското првенство во фудбал 2021 е директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски. Владата ја информира јавноста дека Македонската репрезентација која ќе учествува на Европското првенство во фудбал ја има целата поддршка и Координативното тело работи во полн капацитет за да обезбеди поддршка на сите процеси поврзани со меѓународните односи, безбедноста и промоцијата на фудбалерите. Во рамки на телото не постои позиција “координатор за навивачи” и од тука Владата дава целосна поддршка на сите форми на организација, на навивачките групи, на Федерацијата и на сите чинители да дадат максимум во капацитет и содржина за највисоко меѓународно и домашно ниво на претставување на македонскиот фудбал“ – се вели во соопштението од Владата.

Се вчитува...