Литванците убедливи против Германија, „триколорите“ шокирани од разиграната Словенија

Репрезентацијата на Литванија со победата над Германија од 89-72, како првопласирана селекција обезбеди место во осминафиналето на Евробаскет. Предводени од нивниот најдобар поединец Јонас Валанчиунас, Литванците стигнаа до четвртата победа во групната фаза.

Првото полувреме беше неизвесно, и двете репрезентации се бореа за првото место во групата Б. Литванија во текот на целиот меч имаше минимална предност, првата четвртина ја освоија со резултат од 23-19. Изедначени во вторите 10 минути(24-24), Германија се надеваше на изненадување, пред паузата стигнаа и до првото водство, кое веднаш го загубија.

Во вториот дел Литванците се зацврстија и полека градеа висока предност, која подоцна им ја обезбеди победата. Третата четвртина ја освоија со исход од 25-17, додека последната четвртина ја освоија со 17-12, за конечниот резултат да биде 89-72 во корист на Литванија.

Јонас Валанчиунас беше неприкосновен под обрачите. Забележа дабл-дабл учинок со 27 поени и 15 скока, додека Мотејунас застана на 15 поени. За репрезентацијата на Германија најефикасен беше Денис Шрудер со 26 поени.

dragicslo

Националниот тим на Словенија ја декласираше Франција со резултат од 95-78,  во двобојот за првото место во групата А. Расположените Словенци доминираа во текот на целата средба, неизвесно беше само на почетокот од првата четвртина, која на крајот припадна на Словенија, со исход од 28-22. Од почетокот на втората четвртина, Словенците како во еуфорија го полнеа кошот на „триколорите“, а периодот го осовија со само 13 примени поени, а постигнаа 24.

Во иста епизода продолжи и второто полувреме. Словенија продолжи да гради голема разлика, стигнаа до највисоки +28 и повторно дозволија помалку од 20 поени во својот кош. Третата четвртина им припадна на избраниците на Игор Кокошков со резултат од 25-16. Последниот период Франција се обидуваше да се спаси од срам и тотален дебакл, па го освоија со 27-18 за конечниот исход да биде 95-78 за Словенија.

Капитенот Горан Драгиќ продолжува на овој Евробаскет со својот ритам. Овој пат забележа 22 поени со 8 асистенции, Лука Донциќ го следеше својот колега со 15 поени и 9 скока, додека Клеме Препелиќ застана на 14 поени. За Франција најрасположен беше Нандо Де Коло со 16 поени и 2 асистенции,  Борис имаше нешто послаб скор од 13 поени и 5 скока.

Се вчитува...