Ливаја го реши дербито во Осијек – Манев стартер за домаќините, Трајковски влезе во второто полувреме

Хајдук триумфираше на гостувањето против Осијек со 0-1, за огромни три бода со кои сплитскиот тим е осамен на врвот на табелата во хрватскиот шампионат.

Човек на одлука беше гостинскиот капитен Марко Ливаја, кој искористи еден подарок на домашните играчи и на асистенција на Сахити мајсторски го матираше голманот на Осијек, крунисувајќи ја на тој начин иницијативата на Хајдук во првиот дел. Во второто полувреме Осијек заигра далеку подобро, ја пресели играта пред шеснаесетникот на гостите од Сплит, но не успеа да стигне до израмнување. Најубавата шанса во 95. минута ја имаше Ловриќ, кога неговиот удар од дваесетина метри заврши во гредата.

Ова беше и меѓусебен дуел на двајца македонски репрезентативци, дефанзивецот Манев почна од првата минута за Осијек, но беше заменет на паузата меѓу двете полувремиња, додека Александар Трајковски влезе во игра кон средината на второто полувреме од овој натпревар.

Хајдук е прв на табелата со 30 бода, три повеќе и натпревар повеќе од второпласираната Ријека, додека Динамо Загреб е трет со 23 бода и два меча помалку од сплитскиот клуб.

Се вчитува...