Ливерпул ја урна клетвата на „Енфилд“

Ливерпул конечно ја прекина катастрофалната серија на резултати на домашен терен, откако актуелниот англиски првак по огромна борба успеа да слави над Астон Вила со 2-1. Тимот на Јирген Клоп забележа шест порази во низа на „Енфилд“, но за прва домашна радост во 2021 година се погрижи Трент Александер Арнолд, кој го постигна победничкиот гол во самиот финиш од мчот.

Ливерпул доминираше од самиот старт, но по бројните промашувања казната стигна во 43. минута, кога Оли Воткинс биеше прецизно во мрежата на Алисон Бекер. „Црвените“ постигнаа гол за израмнување преку Фирмино пред крајот на полувремето, но истиот им беше поништен со ВАР поради милиметарски офсајд на Жота.

Второто полувреме донесе огромна борба, Салах израмни на 1-1, но при овој резултат Астон Вила не искористи две одлични шанси. На крајот, сепак се радуваа „црвените“, Мартинез фантастично го одбрани ударот на Тијаго Алкантара, но во продолжението на акцијата голманот на Астон Вила беше немоќен при шутот на Александар Арнолд.

Се вчитува...