Ливерпул ќе биде последен клуб во кариерата на Клоп?

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, најави дека англискиот клуб најверојатно ќе му  биде последен во тренерската кариера. Германецот има 49 години, но вели дека не планира да има долга листа на клубови во својата биографија. По седум години поминати во Мајнц и во Борусија Дортмунд, тој во 2015 година дојде на клупата на Ливерпул со кој има договор до 2022 година.

„Нема да имам десет клубови во мојата биографија на крајот од тренерската кариера. Не се мали шансите да заминам во пензија со три. Малку е веројатно дека одеднаш ќе почнам да менувам клубови. Јас сум целосно посветен на она што го работам бидејќи тоа генерално, се долгорочни проекти“ – вели Клоп.

Во својата прва сезона на „Енфилд“, тој стигна до две финалиња, но не и до трофеј. Ливерпул загуби и во финалето на Лига Купот и во финалето на Лига Европа. Но, Клоп се надева дека ќе освои барем еден трофеј со Ливерпул до крајот на договорот.

Ако го исполнам договорот со Ливерпул до крај, постои добра шанса да освојам нешто овде. За мене би била непријатна ситуација ако не успеам во тоа. Луѓето од Ливерпул очекуваат трофеи“ – вели германскиот тренер.

На пет кола пред крај, Ливерпул моментно е на третото место во Премиер лигата со натпревар повеќе и девет бода помалку од водечкиот Челси.

Се вчитува...