Ливерпул со добра предност од Лисабон, Сити минимално го совлада Атлетико (ВИДЕО)

Англиските тимови Ливерпул и Манчестер Сити се стекнаа со предности во првите 1/4 финални натпревари во Лигата на шампионите против Бенфика, односно против Атлетико Мадрид.

Ливерпул имаше одлична предност во првиот дел над Бенфика со одличната игра, кога покрај двата постигнати гола, играчите на Јирген Клоп можеа да постигнат уште 2-3 гола и да имаат поубедливо водство, но голманот Влаходимос на неколку пати одлично бранеше. Конате во 17. минута со глава го најде патот до мрежата, а 17 минути му требаа на Ливерпул за вториот гол кој го постигна Мане по одличната акција на Арнолд и Диаз.

Сепак, во вториот дел како други екипи да излегоа на теренот, па така Бенфика во 48. минута дојде до погодок, благодарение на големата грешка на Конате. Нуњез успеа да постигне гол и да намали, а во продолжението домашниот тим на неколку пати се закани и можеше да дојде до израмнување, но на крајот не успеа.  Во продолжението Клоп ги извади Мане и Салах, а ги внесе Фирмино и Жота, но го остави Диаз на теренот. Токму Диаз во 88. минута  искористи „дупка“ во одбраната на Бенфика, и ги постави конечните 1-3. Жота во 96. минута можеше да донесе 1-4, но одличен беше одново Влаходимос кој спаси катастрофа на својот тим на првиот меч во Лисабон.

Во Манчестер, триумф на Сити над Атлетико со 1-0. „Автобусот“ кој во првото полувреме го паркираше Симеоне не му дозволи на англискиот тим да го „види“ голот на Облак. Меѓутоа (не)очекувано Атлетико во вториот дел тргна поотворено и поофанзивно. После неколку полушанси, Манчестер Сити во 70. минута дојде до предност. Фоден одлично го проигра Де Брујне кој го совлада Облак за водство на „граѓаните“. Тоа беше и конечен резултат на натпреварот, па Сити на реваншот во Мадрид ќе брани минимална предност.

ЛШ, 1/4 ФИНАЛЕ, ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Бенфика – Ливерпул 1-3 (Нуњез 48′ – Конате 17′, Мане 34′, Диаз 88′)

Манчестер Сити – Атлетико Мадрид 1-0 (Де Брујне 70′)

Се вчитува...