Логвин: Самсоненко ми нудеше богатство, но не е се во парите…

Прославената поранешна ракометарка на Хипо, Тања Логвин, во екот на популарноста на сега веќе згаснатиот проект ЖРК Вардар беше сериозно поврзувана со тренерското место на „црвено-црните“. Поранешната австриска репрезентативка во своето последно интервју потврди дека водела сериозни преговори за доаѓање во Скопје со газдата Сергеј Самсоненко, но и ги обелодени причините поради кои решила да ја одбие понудата.

„Точно е, ме бараа и Сергеј Самсоненко ми нудеше богатство за да дојдам во Вардар, го ценам тоа, но му укажав дека за мене не е се во парите. Не сакав да ризикувам, тој имаше купено добри ракометарки, но недостигаше цврсто лидерство. Константно менување на претседатели, тренери, зависноста на клубот од луѓето од општините и државните органи. Се покажа дека сум во право бидејќи гледате дека тој клуб веќе го нема. Јас сум таква, парите не ми претставуваат се во животот. И додека играв во еден момент бев најплатена ракометaрка во светот, па го раскинав договорот со Алборг бидејќи не можев да издржам. Парите што ми ги нудеше Вардар беа неверојатни, но не вредеа за она што ќе ме чекаше во клубот“ – истакнува Логвин.

Откако беше одбиен од страна на Логвин, првиот човек на Вардар донесе одлука да ја задржи на клупата Ирина Дибирова, која го водеше тимот до ново финале во Лигата на шампионите, каде македонскиот првак несреќно загуби од Ѓер.

Се вчитува...